JP Galeria - шаблон joomla Форекс

Психо / социотерапија

Психотерапија

Психотерапијата е посебна метода која користи различни пристапи за повторно воспоставување на некои претходно постоечки (а сега нарушени) нивоа на функционирање кај една особа. Со психотерапијата се овозможува и персонален раст на индивидуата во смисла на учење на нови форми на однесување со кои ќе се подобри нејзиниот квалитет на живеење.

Психотерапија може да посетуваат ментално здрави луѓе кои чувствуваат одредено попречување или нарушување во квалитетот на емоционалниот или рационалниот дел од своето живеење. Како симптоми може да бидат најразлични проблеми како: несоница, чувство на пониска самодоверба, проблем со концентрацијата, сексуална дисфункција, проблем во комуникацијата со другите луѓе, агресивност, ирационални стравови или фобии, депресивност, чувство на вознемиреност или анксиозност, љубовни проблеми итн.

Битно е да се напомене дека психотерапијата е процес кој има различно времетраење кај секој клиент и зависи од сложеноста на проблемот, волјата на клиентот и секако умешноста на терапевтот.

Главните придобивки од психотерапијата се:

- стекнување увид за себе и освестување на несвесните делови кои ги диктираат нездравите навики во секојдневието, а причинуваат бројни тегоби;

- препознавање на своите потенцијали и автентични потреби;

- поттикнување на капацитетите и нивно полно користење;

- зголемување на чувството на самостојност и увереност за своите сили;

- стекнување на самоподдршка и самопомош во критични ситуации;

- среќен и исполнет живот.

Социотерапија

Социотерапијата или групниот третман е посебен пристап кои ги користи методите на психотерапијата и кој се спроведува со различни цели во зависност од потребите на групата и сличностите меѓу членовите. Имено, за третманот за биде поефективен се препорачува групата да брои пет до шест членови. Во споредба со индивидуаниот пристап, групниот пристап е речиси незаменлив кога е во прашање клиент кој има проблем во комуникацијата со другите луѓе. Придобивките од социотерапијата се слични како оние од индивидуалниот третман, до одреден степен но исто така има и други придобивки. Некои од нив се следните:

-          групата дава чувство на припадност и личноста сфаќа дека не е сама во сопствениот проблем;

-          се буди алтруизмот и емпатијата, како меѓу членовите во групата, така и надвор од неа;

-          секој член има можност да слушне повратна информација од друг член која содржи слично искуство како неговото;

-          личноста стекнува нови интерперсонални и социјални вештини со различни луѓе;

-          се буди надеж и оптимизам за прогресивен напредок.

Психолошко советување

За разлика од психотерапијата, психолошкото советување е метод кој се користи и е насочен за решение на некој поконкретен проблем и кој трае пократко време. Советувањето е директивно и клиентот вообичаено добива насоки или упатства од терапевтот како домашни задачи кои треба да ги “сработи“ измеѓу сеансите. Процесот на советување е со пократко времетраење од процесот на психотерапијата која се занимава со покомплексни проблеми и е доста погоден за по едноставен проблем со кој се соочува личноста, а од некоја причина не е во состојба самата да го реши.