JP Galeria - шаблон joomla Форекс

Етички кодекс

Етичкиот кодекс на психолози на Република Македонија е донесен на 14.01.2006 година.

(Напомена: Етичкиот кодекс се состои од Вовед, Преамбула, Основни начела и Етички стандарди. Поради практични причини, во долунаведениот текст се опфатени само најважните делови од Основните начела и Етичките стандарди.)

Етичкиот кодекс се однесува само на активностите што психолозите ги преземаат во рамките на нивната научна, образовна или професионална улога. Овие активности се разликуваат од приватното однесување на психолозите, кое не е опфатено со Етичкиот кодекс. Како оправдување за неетичко однесување на психологот не може да се прифати недостатокот на познавање и свесност за Етичкиот кодекс или погрешното разбирање на Кодексот. Повредите на прописите што ги содржи овој Кодекс се разгледуваат од Судот на честа, кој ја проценува тежината на повредата и ги одредува евентуалните санкции.

Полезност

Во својата работа и професионално дејствување психологот настојува да ги унапреди и заштити правата и благосостојбата на лицата со кои работи и се грижи да не им нанесе било каква повреда.

Одговорност

Психолозите се свесни за нивната професионана одговорност кон општеството и заедниците во кои работат и се придржуваат кон професионалните стандарди на однесување. Настојуваат да се справат со конфликтите на интереси кои би можеле некому да му наштетат. Тие ги даваат само оние услуги и ги користат само оние техники за кои се свалификувани со образованието и искуството. Доколку е потребно заради добробитта на лицата со кои работат, психолозите се консултираат и соработуваат со други професионалци и институции.

Интегритет

Во своето дејствување психологот е чесен и настојува да ја унапреди точноста и вистинитоста во подучувањето, во науката и во психолошката практика. Свесно и намерно не ги интерпретира фактите погрешно, не мами и настојува да ги исполни дадените ветувања и обврски.

Почитување на човековите права и личното достоинство

Психологот безусловно ги почитува основните права, вредности, и достоинство на сите луѓе и го уважува нивното право на приватност и тајна. Свесен е дека сите луѓе имаат еднакво право на користење на придобивките од психологијата и право на еднаков третман при професионалните постапки.

Односи со лица при професионален контакт

Во својата професионална работа, психологот не се впушта во неправична дискриминација базирана на возраст, пол, родов идентитет, етничка припадност, религија, сексуална ориентација, физички и телесни особини и социоекономски статус. Ги уважува разликите кога работи со членови на овие групи и настојува факторите на неправична дискриминација да не влијаат врз неговата работа.

Психологот сексуално не ги вознемирува лицата со кои е во професионален контакт, ниту пак презема други активности што може да ги вознемират или да им наштетат. Тој презема чекори за да се избегне искористување, злоупотребување, потценување или понижување на клиентите, студентите/учениците, испитаниците и другите со кои работат, настојувајќи да не ги повредат, загрозат, трауматизираат и да не манипулираат со нив.

Компетентност

Психологот дава услуги, подучува и спроведуваат истражување само во области кои се во рамките на нивните компетенции, што произлегуваат од стекнатото образование, обука и супервизирано или професионално искуство. Работата на психолозите се базира на изградено научно и професионално знаење од соодветна дисциплина. Секој психолог континуирано ја развива и ја одржува својата компетентност.

Приватност и доверливост

Психолозте имаат обврска да преземат мерки за заштита на доверливите податоци што ги добиле од корисниците на нивните услуги или од испитаниците во истражувањето.

Психологот може да дава доверливи податоци за клиентите доколку има согласност од клиентите, било да се работи за поединци или институции.

Психолозите одбиваат секаква стручна дејност што е спротивна на принципите на овој Кодекс.